Владата испраќа четворица нови амбасадори, назад враќа професионални дипломати
Откако премиерот Христијан Мицкоски објави дека Игор Николов, функционер на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен советник во Општина Бутел заминува за амбасадор во Франција, се објавија и имињата на три други идни амбасадори на Македонија во странство.
Владата испраќа нови амбасадори во неколку земји. Покрај Игор Николов кој треба да замине за амбасадор на Франција, предложени се уште тројца нови амбасадори за Украина, Јапонија и Хрватска. Извори од Владата потврдуваат дека за амбасадор во Украина е предложен Димитар Блажевски, за амбасадор во Јапонија, Андријана Цветковиќ и за амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски.
На вчерашната владина седница донесена е и одлука за почнување на постапка за отповикување на девет актуелни амбасадори.
Меѓу нив се амбасадорката во Бугарија, Агнеза Руси-Поповска, во Црна Гора, Зеќир Рамчиловиќ, во Белгија – Методија Белевски, амбасадорката и постојана претставничка на Северна Македонија при Советот на Европа, Светлана Гелевева, како и амбасадорот и шеф на Постојаната мисија при Меѓународните организации, Пајо Авировиќ.
На оваа листа се и амбасадорите во Босна и Херцеговина – Јакуп Реџепи, во Чешка – Емил Крстевски, во Шведска – Џенк Сејфила, како и Катерина Ставреска, амбасадор во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.