Христодулидис за изјавите на Лавров: Прашањата од надворешната политика на Република Кипар ги одредува Република Кипар

Прашањата од надворешната политика на Република Кипар ги одредува Република Кипар, порача кипарскиот претседател Никос Христодулидис, одговарајќи на новинарско прашање за ставовите на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во однос на евентуалното членство на Кипар во НАТО.

Прашањата од надворешната политика на Република Кипар ги одредува Република Кипар, порача кипарскиот претседател Никос Христодулидис, одговарајќи на новинарско прашање за ставовите на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во однос на евентуалното членство на Кипар во НАТО, јави дописничката на МИА од Атина.

Лавров за време на прес-конференција за резултатите на руската дипломатија во 2024 година, како што пренесоа руските медиуми, рекол дека Западот го убедува Кипар да влезе во НАТО под антируски услови и ја споредил ситуацијата со Кипар и барањата на ЕУ кон Србија, велејќи дека и Белград и Никозија се принудени на секој можен начин да ја намалат соработката со Русија во различни области.

За овие ставови, Христодулидис посочи дека Република Кипар сама ја одредува својата надворешна политика.

– Може да постојат мислења, пристапи од трети страни, но се подразбира дека како што Руската Федерација или која било трета државаза одлучува за својата надворешна политика, така се одредуваат и одлуките на Република Кипар, посочи Христодулидис.

Во однос на кипарското прашање и ставот на Лавров дека „не постои и не може да има некаков вид магична шема“ што Русија би можела да ја предложи за решение, Христодулидис се согласи со ставот дека „не постои магична шема“, но посочи дека она што е потребно е „политичка волја“ и сите да сфатат дека моменталната состојба „не е во корист на кипарскиот народ, на кипарските Грци и кипарските Турци“.

– Русија е постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, обврзана е и учествува, таа е меѓу протагонистите на резолуциите, основата за решение за бизоналната бикомунална федерација и сметам дека во овој контекст беа и изјавите на рускиот министер за надворешни работи, посочи Христодулидис.

Во однос на претстојната средба со лидерот на кипарските Турци, Ерсин Татар, в понеделник за можноста за отворање на нови премини, истакна дека се надева на позитивен резултат, оди со намера да има позитивен исход и изрази надеж дека и неговиот соговорник ќе дојде со иста позиција.