Цената за изминат километар на приватните превозници се зголемува за 20 денари
Приватните превозници ќе дабиваат зголемување од 20 денари за изминат километар со Анекс на договорот од 1 јануари наредната година и цената ќе важи до мај кога истекуваат нивните постоечки договори. Ваквото зголемување на цената по изминат километар за приватните превозници ќе биде дел од следниот Буџет на Град Скопје.
Со 28 гласа „за“, ниту еден „против“ и еден „воздржан“, советниците на Град Скопје доцна синоќа ја изгласаа Одлуката за утврдување на вредност на надомест за извршени услуги во линискиот превоз на патници, по критериумот – остварен километар. Приватните превозници ќе дабијат зголемување од 20 денари за изминат километар со Анекс на договорот од 1 јануари наредната година и цената ќе важи до мај, кога истекуваат нивните постоечки договори. Ваквото зголемување на цената по изминат километар за приватните превозници ќе биде дел од следниот Буџет на Град Скопје, кој денеска беше изгласан.
Приватните превозници побараа зголемување без да прецизираат за колку, а претходно на средба со советниците на ВМРО-ДПМНЕ договорија зголемувањето да биде 30 денари. Ваквата цена не беше прифатлива за градската администрација, бидејќи била изгласана без никаква пресметка и анализа според законска формула. Во период од две недели беше изработена анализа по која вечерва и гласаа советниците.
Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски истакна дека нивната советничка група ќе ја поддржи Одлуката и ги повика советниците од другите политички партии да дадат поддршка. Посочи дека приватните превозници заслужуваат поголема сума по остварен километар.
– По некои анализи ние предложивме 30 денари со кои тука се усвои заклучок за цената по изминат километар за приватните превозници. Сакам да знаете дека ние како советници се чувствуваме и по малку омаловажени од страна на Секторот за совети од Градот Скопје и од Кабинетот за нефункционирањето на службите и непочитта кон нас да се донесе заклучок донесен од советниците. Мислам дека не заслужуваат само 20 денари зголемување. Заслужуваат многу повеќе зголемување по изминат километар, рече Стојановски.
Според координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева, ова е единствениот легитимен начин на кој што легално и легитимно може да им се помогне на приватните превозници.
-Начинот на кој што мнозинството од ВМРО-ДПМНЕ сакаше да им помогне е нелегален. Настрана волјата, не е легален начинот. Тоа не може да се спроведе. Хипотетички, и да можеше, барањето беше 30 денари. Оптимално анализата покажува дека е 20 денари. Разликата во цена е на штета на буџетот. Кој ќе ја сносеше вината за злоупотреба на јавни пари?, рече Јанчева.
И советничката на ДУИ, Халиде Палоши нагласи дека нивната советничка група ќе ја поддржи Одлуката за покачување на цената за приватните превозници бидејќи, како што рече, ќе се реши проблемот на граѓаните со превозот.
-На претходната седница сите заклучивме дека треба да ги поддржиме, да го поддржиме покачувањето на цената и да се реши проблемот на превозниците и на граѓаните. Денес во името на нашата група ќе гласаме и се надевам дека сите кои се тука пристуни ќе гласат „за“ и ќе се реши овој проблем. Со покачувањето на цената по километар се решава овој проблем, рече Палоши.
Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески на почетокот ја истакна целата хронологија на случувањата по ова прашање и за одржаната 16-та вонредна седница на Советот каде се расправаше.
-По иницијатива на член на Советот одржавме16-та вонредна седница каде што по неколкучасовна расправа беше предложен заклучок кој тука беше изгласан со мнозинство од присутните. Со оглед на тоа што службите на Град Скопје, односно Секторот за поддршка на Советот не го изготви или не го даде заклучокот за да го проследам до градоначалникот, заклучокот беше подготвен и проследен до градоначалникот. Градоначалникот по закон има обврска во рок од седум дена да го објави прописот, во овој случај заклучок или ако не го објавува да даде образложение зошто не го објавува. Тоа не е направено. Поради тоа, јас како претседател на Совет поднесов претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа и тие извршија надзор, изготвија записник во кој беа констатирани неправилности во работата на администрацијата на Град Скопје од аспект на бојкот за неброење на гласовите, неизготвување на прописи и итн. И вчера на 23 декември претходеше записник, донесено е решение од страна на Државниот инспекторат за локална самоуправа со кое што се изрекува мерка опомена на градоначалник на Град Скопје Данела Арсовска. Опомената се изрекува токму поради непостапување за необјавување на пропис во Службен весник, во овој случај заклучокот во дадениот рок и недавање образложение зошто тоа не е направено, рече Славески.
Цветанка Соколова Младеновска, раководител на сектор во Град Скопје нагласи дека по однос на поднесената иницијатива и дневниот ред на вонредната седница, раководителите на секторите реагирале уште истиот ден и доставиле известување до претседателот на Советот со кое што укажале дека нема да изработат документ спротивно на законските прописи, со оглед на тоа што, како што рече, заклучокот кој бил предложен не бил донесен од страна на советниците.
-За таа цел беше доставена и претставка до Инспекторатот за локална самоуправа. Пред да дојде во надзор Инспекторатот, од страна на претседателот на Советот беше изготвен записник, односно заклучок кој беше доставен до градоначалник на Град Скопје. По однос на заклучокот, градоначалникот достави известување во кое што укажа дека самиот документ кој е насловен како заклучок не е изработен од страна на стручните служби во градската администрација, кој што не само согласно Деловникот туку и согласно одлуката за внатрешна организација се единствено одговорни и надлежни за изготвување на вакви акти пред други акти во надлежност на Советот. Така, изготвениот записник од седницата беше доставен до претседателот на Совет кој изврши своевидна корекција надвор од деловнички пропишаната постапка за изготвување на записник и доставување до советниците, рече Младеновска.