На денешното вонредно изборно собрание во хотелот „Хилтон“ во Скопје, официјално Масар Омерагиќ е избран за нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија.
Како единствен кандидат на денешното Собрание, Омерагиќ ја доби довербата од сите присутни делегати со акламација.
„На ова Собрание јас сум единствен кандидат на претседателската функција, но тоа е мотив повеќе за мене да влезам во тимската игра на ФФМ. Трепение, упорност и многу жртвување. Пред многу години бев на истата оваа говорница, но судбината сакаше денеска да ја добијам довербата. Фудбалот е тимска работа, поединецот не може ништо сам. Треба многу трчање од сите, многу борба да се дојде до победа. Таква е и претседателската работа во фудбалот. Ова е спорт кој бара напорна работа, и бара многу добар тим за да се постигне успех. Враќање на легендите во ФФМ е една од моите заложби, за Македонија да биде позната на фудбалски план. Чест ми е што мојата програма ја препознаа многу легенти, а дел до нив се тука. Моја втора заложба е фудбал за секое дете, секое дете да го засака фудбалот. Трето регуларно првенство, враќање на публиката на стадионите, под итно воведување ВАР технологија, а потоа рефлектори на сите стадиони и квалитетни терени. Оваа цел заеднички ќе ја оствариме, со помош на УЕФА и ФИФА, со локалната самоуправа. Максимална соработка во интерес на фудбалот. Обединување околу националните селекции, особено околу А селекција. Чесност, чист образ и транспарентност. Вратата на ФФМ ќе биде ширум отворена за секој оној кој му сака добро на фудбалот.
На денешното Собрание, беше констатирана и оставката на претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, кој се обрати на присутните.
Пред почетокот на официјалниот дел на Собранието се обратија поранешниот претседател Муамед Сејдини, претставниците од УЕФА и ФИФА, и изразија надеж дека фудбалот во Македонија ќе продолжи да се развива. Претставниците од УЕФА и од ФИФА го честитаа првото место во Лигата на Нации на репрезентацијата, и изразија надеж на уште позасилена инфраструктура за развој на фудбалот.