„Плацеви на Водно“: Груевски 7 години во затвор, Мијалков 1.3, а Камчев осуден на 1 година

Во скопскиот основен Кривичен суд денеска беше соопштена пресудата за случајот „Плацеви на Водно“ во кој првообвинет за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот беше поранешниот премиер Никола Груевски. Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиските донации што ги добивал, лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра. Од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно.

Во текот на судењето се откри дека тој земјиштето го „трампал” за три луксузни стана во комплексот „Панорама” на Водно, а му беа откриени уште два стана, уште едно земјиште на Водно и две парцели во Крушево.

Покрај Груевски, во случајот обвинет е и неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева кои се товарат за „перење пари”, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело”.

Судијата во овој предмет – Илија Трпков за виновни ги прогласи:

Никола Груевски – 7 години затвор

Сашо Мијалков – 1 година и 3 месеци

Ристо Новачевски – условна казна 2 години

Јордан Камчев – 1 година затвор

Ненад Јосифовиќ – условна казна 2 години

Судскиот процес траеше 9 месеци.