Институциите притискаат – СОНК не попушта, штрајкот продолжува 9-ти ден

Денеска завршува втората работна недела од штрајкот на вработените во училиштата и градинките – решение за нивните барања се уште не е на повидок откако СОНК ги отфрли заклучоците на Владата од пред два дена.

Од МОН и МТСП побараа СОНК уште еднаш да ја преиспита одлуката, да го стават штрајкот во мирување и да ги интензивираат преговорите и наместо личните во преден план да ги стават интересите на децата и учениците за пристап до образование.

Претседателот на СОНК – Јаким Неделков вчера, по седницата на Советот најави дека штрајкот ќе продолжи сѐ додека не се постигнат договори.

Советот на СОНК констатирал и дека „одредени министри се обидуваат упорно да ги заплашуваат штрајкувачите дека ќе им бидат скратени дневниците во деновите на штрајк“ и тоа го смета за обид за спречување на штрајкот.

„Советот на СОНК веднаш ќе го прекине штрајкот доколку Владата ги почитува законите, и тоа го бара Советот на СОНК – до септември односно до изминување на шест месеци од носење на минималната плата, таа да се усогласи со гранските колективни договори, како што е, впрочем, предвидено во Законот за минимална плата. За волја на вистината, до денешен ден ниту еднаш не е испочитуван овој закон“ – рече Неделков.

Министерката за труд и социјална политика – Јованка Тренчевска порача дека на вработените во образованието и детските градинки кои штрајкуваат државата ќе им исплати само придонеси.

„Не се работи за притисок, ниту за  каква било уцена, туку за почитување на законите и Колективниот договор“ рече таа.

Министерот за образование и наука – Јетон Шаќири вчера апелираше до наставниците да го продолжат образовниот процес, потсетувајќи на влијанието што врз наставата го имаше КОВИД-19 и затоа што претстојат рокови.