Францускиот претседател Емануел Макрон ја осуди руската „ескалација“ во војната во Украина, повикувајќи го неговиот руски колега Владимир Путин „да се вразуми“.
-Навистина сакам да ја повикам Русија да се вразуми. Таа има одговорност како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, изјави Макрон, вчера, по самитот на лидерите на Г20 во Рио де Жанеиро.
Макрон оцени дека Русија денес станува сила на „глобална дестабилизација“ и додаде дека го повикал својот кинески колега Си Џинпинг да влијае на Путин.
Рускиот претседател вчера го потпиша декретот на нуклеарната доктрина, според која конвенционален напад врз Русија од која било земја поддржана од нуклеарна сила ќе се смета за заеднички напад на таа земја и таа сила врз неговата земја.
Путин потпиша декрет со кој се одобрува новата политика на одвраќање на 1.000-от ден од почетокот на руската инвазија врз Украина, што почна на 24 февруари 2022 година.