Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку остварила средба со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.
На средбата се разговарало за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, како на политички, така и на економски план, и за македонските аспирации за членство во Европската Унија.
На средбата било констатирано дека Унгарија останува силен поддржувач на македонските евроинтеграции и во тој контекст претседателката Сиљановска Давкова изразила благодарност за поддршката што Унгарија ја дава во повеќе области, вклучувајќи ги европските аспирации на нашата држава, како и фактот што прашањето за проширувањето е високо на агендата на тековното унгарско претседателство со Европската Унија.
На средбата претседателката Сиљановска Давкова истакнала дека како држава не гледаме алтернатива за интеграцијата и полноправното членство во ЕУ и изрази надеж за фер процес на пристапување во ЕУ што ќе го почитува дигнитетот на македонските граѓани.