На изборниот собир на Републиканците во американската сојузна држава Флорида, Доналд Трамп се прогласи за победник.
„Ова е политичка победа, каква што нашата земја сѐ уште не доживеала“, изјави тој пред своите приврзаници, откако претходно Фокс Њус го прогласи за победник. Останатите американски медиуми и агенцијата АП тоа досега не го имаат направено.
Трамп, зборувајќи на централната постизборна забава на Републиканците, оцени дека е постигнат „историски„ и „прекрасен“ успех и на Американците им вети дека ќе се бори за нив „секој ден“. „Ќе ѝ помогнам на земјата да заздрави“, рече Трамп, ветувајќи „златно доба“ за Америка и заблагодарувајќи им се на своите приврзаници за поддршката.
Трамп на бината во Вест Палм Бич, во Флорида, зборуваше опкружен со своето семејство.
Кандидатот на Републиканците за потпретседател, Џеј Ди Венс, оцени дека станува збор за „најголемиот камбек во историјата на САД“.
Доналд Трамп чекори кон победа на изборите во САД. Тој веќе ги освои важните „свинг“-држави Пенсилванија, Северна Каролина и Џорџија и со тоа создаде голема предност пред демократката Камала Харис. Таа го откажа своето обраќање вечерва на постизборната забава на Демократската партија во Вашингтон.