Гаши: Ако нема безбедносен сертификат од највисоко ниво, директорот на АНБ не може да влезе во „глувата соба“ во собранието

Во глувата соба ќе работи токму Комисијата за надзор на работата на АНБ, чиј претседател, Скендер Реџепи од Коалицијата Европски фронт, засега не закажува седница.

Ако не обезбеди безбедносен сертификат од највисоко ниво, новиот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски нема да може да влезе ни во т. н. глува соба направена од материјали кои спречуваат неовластено следење и прислушување, која пред десетина дена беше пуштена во употреба во Собранието, пишува СДК.мк.

На прашање дали ќе му дозволи влез во безбедната соба на Христовски, кој нема безбедносен сертификат од највисок степен, а има само од основно ниво, претседателот на Собранието Африм Гаши вели дека ни тој самиот не може да влезе таму ако нема соодветен безбедносен сертификат.

Фото: МИА/ Собрание/ ДЦАФ

„Не сум јас тој кој одобрува кој да влезе во сигурната соба, а кој не. Има офицер, сертифициран за таа работа и тој ги врши проверките и дава дозвола за влез во глувата соба. Ако немам соодветен безбедносен сертификат на ниво коешто се бара за присуство на собраниските комисии за следење на работата на АНБ и на Агенцијата за разузнавање, за следење на комуникациите или на седници на кои ќе се расправа за безбедносни прашања – државна тајна, нема да можам да влезам ни јас. Никој не може да влезе таму ако нема соодветен сертификат”, кажа претседателот Гаши.

Во глувата соба ќе работи токму Комисијата за надзор на работата на АНБ, чиј претседател, Скендер Реџепи од Коалицијата Европски фронт, засега не закажува седница.

Христовски е во центарот на вниманието откако се откри дека наводно имал фалсификувано уверение за положен англиски јазик, во непостоечки испитен центар во Пловдив, Бугарија. Се чека Обвинителството да ги испита тие тврдења на бугарските медиуми кои веќе го истражиле тоа.