Академик Камбовски за Телма: Има разлика меѓу научно друштво и Национална академија

Секој може да формира научно друштво. Академија како национална установа е сосема друго прашање, вели за Телма академик Владо Камбовски

Секој може да формира научно друштво. Академија како национална установа е сосема друго прашање, вели за Телма академик Владо Камбовски. Појаснува дека МАНУ од самото нејзино формирање е мултиетничка установа, во неа има членови од различни етнички заедници и има капацитет да апсорбира членови независно од етничката припадност. Предупредува дека формирање Национална академија на еднонационална основа може да доведе до поделби и конфликти на научната заедница, како и до појава и на други еднонационални академии – српска, бугарска или некоја друга. Научни друштва или институти се возможни и веќе имаме такви примери, вели академик Камбовски.

Македонската академија на науките и уметностите објаснува дека во Македонија, како и секаде во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата. Во нашата Академија има членови од сите етнички заедници, а во последната декада има четири члена од албанската заедница. „МАНУ е отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската или од некоја друга припадност“, е ставот што го соопшти во јули годинава, вели за Телма, академик Камбовски.