Свечља: Косово е загрозено, Србија има хегемонистички намери
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља изрази загриженост во врска со соопштението на полицијата дека припадници на српската жандармерија неколку минути престојувале на влезот од објектот од српска страна во граничната полициска станица во Мердаре.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља изрази загриженост во врска со соопштението на полицијата дека припадници на српската жандармерија неколку минути престојувале на влезот од објектот од српска страна во граничната полициска станица во Мердаре, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во изјава по дебатата на тема „Улогата на вештачката интелигенција во војната против тероризмот и националната безбедност“, организирана од Американскиот центар за борба против екстремизмот и тероризмот (ACCET), Свечља рече дека тоа е доказ дека Србија не ги почитува постигнатите договори.
„Го прекршуваат договорот за заедничко управување со граничните премини. Ова не е прв пат да го прекршат овој договор, но се надеваме дека ќе биде последен. Дефинитивно сме подготвени да се справиме со секое нивно прекршување и во исто време да им ги претставиме на нашите партнери како дополнителен доказ за тоа како Србија не е подготвена да соработува и покрај договорите што ги има потпишано“, рече Свечља.
Шефот на косовската полиција изјави дека косовските институции секојдневно се зајакнуваат за да се одбијат хегемонистичките цели на Србија.
„Јасно е дека Косово е загрозено од хегемонистичките аспирации на Србија, целиот нивен државен апарат работи на исполнување на нивните цели кои не само што се неприфатливи за нас, туку и криминални во нашата реалност. Институциите на Косово секојдневно се зајакнуваат, така што овие цели на Србија се одбиваат во секој момент сега и во иднина. Убеден сум дека овие провокации ќе пропаднат, дефинитивно им го отежнуваат животот на нашите граѓани, особено на српската заедница, но ние сме способни да се соочиме со секој предизвик од внатре или надвор“, рече Свечља.
Косовската полиција синоќа соопшти дека постојат докази оти четворица припадници на српската жандармерија престојувале неколку минути на влезот од објектот од српска страна, во граничната полициска станица во Мердаре.
Според соопштението, тие со автомобил тип „ленд-ровер“ ја поминале граничната линија „што всушност претставува прекршување на Договорот за заедничко управување со граничните премини“.