Германија бара брзи реформи во ЕУ додека Полска се обидува да го укине правото на азил
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска повика за брзо спроведување на реформираниот Заеднички европски систем за азил (ЦЕАС) на Европската унија, додека полската влада расправаше за суспендирање на правото на азил.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска повика за брзо спроведување на реформираниот Заеднички европски систем за азил (ЦЕАС) на Европската унија, додека полската влада расправаше за суспендирање на правото на азил.
Говорејќи во Берлин на средбата со нејзиниот македонски колега Тимчо Муцунски, Бербок рече дека новиот пакет треба „да се реши сега со амбиција и да се спроведе“, јави ДПА.
Полскиот кабинет денеска расправаше за суспензија на правата за азил.
Полска и ЕУ го обвинуваат рускиот претседател Владимир Путин и неговиот сојузник, белорускиот претседател Александар Лукашенко, дека намерно ги насочуваат мигрантите од кризните региони кон источната граница на Полска со Белорусија. Границата е истовремено и надворешна граница на ЕУ.
Земјите-членки на ЕУ и Европскиот парламент се согласија за реформа на ЦЕАС во декември по долга дебата. Реформите предвидуваат заострување на правилата за процедурите за азил.
Бербок рече дека Путин ја користи миграцијата како оружје.
– Ние како Европејци мора заеднички да се спротивставиме на оваа хибридна војна. Не треба да ни се дозволи да заборавиме дека целта на Путин е да го подели европското општество, нагласи таа.
Единството на ЕУ беше од суштинско значење особено во однос на миграцијата за да се осигура дека на популистите нема да им биде дозволено да прават опсежни генерализации во врска со одредени групи за да ги омаловажат, додаде Бербок.