Ердоган во Белград ја нагласи важноста на мирот и стабилноста на Балканот

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека на средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ ја истакнал важноста на мирот и безбедноста на Балканот, и важноста на здравиот разум во пристапот меѓу Косово и Србија, јави Анадолија.

Ердоган престојува во официјална посета на Србија, каде што одржа тет-а-тет средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, по која беа потпишани договори за соработка меѓу двете земји.

– Односите меѓу Турција и Србија се во своето златно доба, истакна турскиот претседател на заедничката прес-конференција со Вучиќ.

Тој додаде дека турските инвестиции во Србија во последните 12 години се зголемени од еден милион на 405 милиони долари.

– Разговаравме за регионалната соработка, ја нагласивме важноста на мирот и безбедноста на Балканот и затоа е важно да се има здрав разум во пристапот меѓу Косово и Србија, истакна Ердоган.

Тој се осврна и на соработката меѓу двете земји на полето на одбранбената индустрија.

– Турција и Србија имаат можности да ја зајакнат соработката во одбранбената индустрија, но само со цел зачувување на мирот, нагласи Ердоган и порача:

– Никој да не се обидува да утврди каква треба да биде содржината на соработката во областа на одбранбената индустрија меѓу Турција и Србија, додавајќи дека тоа ќе го утврдат самите две земји.

Турскиот претседател се осврна и на палестинското прашање. „По 7 октомври 2023 година, девет земји ја признаа државата Палестина. Уште еднаш ги потсетувам земјите кои не ја признаа Палестина да направат таков чекор“, порача тој.