Израелската армија изврши воздушен напад врз Бејрут
Израелската војска соопшти дека денеска извршила „цеден напад“ врз либанската престолнина, додека два безбедносни извори за Ројтерс изјавиле дека е погодено јужното предградие на Бејрут и дека на мета бил еден од лидерите на Хезболах.
Телевизијата Ал Манар, која е под контрола на Хезболах, јавува дека едно лице загинало, а 14 се ранети.
Нападот погодил локации во близина на клучни објекти што ги користи Хезболах, јавува британската агенција, повикувајќи се на неименувани безбедносни извори во Либан.
Целта бил командантот на операции на Хезболах, Ибрахим Акил, велат истите извори, додавајќи дека неговата судбина не е позната.
И израелската воена радио станица Галеи ИД наведува дека цел на израелскиот воздушен напад врз Бејрут бил висок командант на шиитското движење Хезболах.
Радио станицата не прецизира кон кого точно бил насочен нападот.
Фотографиите и видеата кои кружат на социјалните мрежи покажуваат голема штета на местото на несреќата и изгорени автомобили.
„ИД изврши таргетиран напад во Бејрут. Засега нема промени во одбранбените директиви на командата на Домашниот фронт“, соопшти израелската војска, без да даде детали.
Ројтерс јавува дека густ облак од чад може да се забележи над Бејрут, а жителите пријавиле дека слушнале силна експлозија.
Според извештаите на медиумите во Либан, нападот се случил во предградијата на Дахија, за која Израел тврди дека е упориште на милитантната група Хезболах, пишува The Times of Israel.
Претходно денеска Хезболах лансираше 150 ракети во правец на северот на Израел, објавувајќи дека со ракети „качуша“ гаѓале неколку локации долж границата, вклучително и неколку бази за противвоздушна одбрана и штабот на израелската оклопна бригада, за која тврдеше дека е прва погоди.
Новата размена на оган доаѓа по серијата експлозии на комуникациски уреди во вторникот и средата, при што загинаа најмалку 37 лица, меѓу кои две деца, а повеќе од 3.000 беа ранети во Либан.
Либанската влада и милитантната група Хезболах го обвинија Израел за нападот.
Тел Авив не ги коментираше тие наводи, но министерот за одбрана Јоав Галант најави дека Израел влегува во „нова фаза“ од војната.