Владата ја замрзна маржата за дел од прехранбените производи, очекува тие да поевтинат за 10 отсто

Одлука за ограничување на бруто профитната маржа донесе владата за 73 прехранбени производи кои се најзастапени во потрошувачката кошничка на граѓаните, објави на прес конференција министерот за економија Бесар Дурмиши.

На списокот се брашното, лебот, пекарските производи, млекото и млечните производи, месо и преработки од месо, дел од овошјето и зеленчукот, ориз, грав, тестенини и дел од конзервирани производи. Владата очекува со оваа мерка да се намалат трошоците за храна за 10 проценти.

Одлуката е донесена врз основа на податоците од државна Статистика, а индексот на трошоците на живот покажува дека за 8 месеци трошоците за храна се зголемени за 4 проценти. Најголемо зголемување има кај овошјето од 10 проценти, млекото, сирењето и јајцата за 6,6 проценти, зеленчукот 3,9 проценти, месото 3,6 проценти.

– Сметаме дека ваквото зголемување на трошоците за храна и безалкохолни пијалоци прекумерно и несразмерно, во однос на трошоците на трговците. Нашите проценки се дека со стапување на сила на оваа одлука трошоците за храна ќе се намалат за 10 проценти со што ќе се намалат и трошоците за живот во потрошувачката кошница за групата храна и пијалоци, рече министерот за економија Бесар Дурмиши

Од Сојузот на синдикатите велат дека се она што се прави во интерес на работниците е добра идеја, но очекуваат да се спроведе целосно. Велат дека конечно Владата увиде дека некој се богати неоправдано на грбот на работниците.

Производите со ограничени маржи кои се вклучени во есенската кошничка на Владата, трговците во малопродажните објекти ќе треба да ги обележат со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ .

влегува на сила следниот ден по објавување во Службен весник и ќе важи до 30 октомври. Од Владата велат дека ваква кошничка ќе има и за време на верските празниците Божик, Велигден, Рамазан.