Сметам дека тонот кој го користи С. Македонија нема да и помогне да стане членка на Европската Унија, изјави денеска во Софија бугарскиот технички премиер Димитар Главчев.
– Бугарија е предвидлив партнер, лојален на ЕУ. Нема со што да ги изненадивме останатите земји-членки. Го поддржуваме проширувањето и европските перспективи на земјите од Западен Балкан. Доволно компромиси направивме со националниот идентитет. С. Македонија едноставно треба да ги исполни барањата на ЕУ, изјави Главчев.
Изјавата на Главчев е една од серијата реакции на бугарски политичари по забелешките од македонска страна за непоставувањето на македонското знаме за време на неформалната средба на претседателите на двете држави, Гордана Сиљановска Давкова и Румен Радев, минатата недела во Софија, особено по изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој рече дека „очигледно домаќинот не е цивилизиран, ниту има почит, па затоа се случуваат вакви ситуации“.
Европратеникот од ЕПП/ГЕРБ Андреј Ковачев, во изјава за Бугарската национална телевизија рече дека ја информирале Европската народна партија за, како што рече однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека побараат да се иницира процедура за исклучување на таа партија од ЕПП.
– Мислам дека тие на секој начин докажуваат дека сакаат да бидат со Фидес, партијата на Орбан. Тоа си е нивна желба и тие многу се оддалечуваат од вредностите на ЕПП и европската демократија, истакна Ковачев, кој смета дека геополитичката насока која ја избираат властите во Скопје е на линија на политиките на Вучиќ, Орбан, Кина и Русија.
Во врска со изјавата на Николоски за непоставување на македонското знаме, Ковачев смета дека таа била искоординирана со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
-Се покажува јасна желба на сегашното раководство на Република Северна Македонија да не продолжи по патот на европската интеграција. Си бараат некаков изговор пред нивната јавност зошто тоа не може да се случи, а изговорот е, се разбира, со оцрнување на Бугарија, смета Ковачев.