Со пиштол со калибар од 9 милиметри и преку перниче обвинетиот Љупчо Палевски Палчо пукал во главата на Вања Ѓорчевска, се наведува во обвинението за убиството на 14-годишното девојче што се случи лани во ноември во Скопје, а за кое судскиот процес почна денеска.
Обдукцијата покажала дека Вања во десната хемисфера од мозокот имала рана и огнострелен канал од 34 сантиметри кој минувал низ вратот до четвртиот пршлен.
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска започна судењето за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски.
Во судницата се спроведени првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо заедно со обвинетите Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов, како и таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски.
Судењето против петмината обвинети во процесот за двојното убиство почна денеска со читање на Обвинението. Обвинителите го нарекоа процесот еден од најтешките кривични настани во нашата земја.
На товар на обвинетите се две убиства и две грабнувања, што довело до смрт на Вања и на Панче.
Според обвинението, секој од обвинетите имал своја улога со детално однапред планирани дејства.
„Таткото помогнал со информации кога Вања оди на школо. Обвинетите се познавале меѓу себе и сковале план за грабнување со цел да присилат член на семејството да даде откуп. Знаеле дека секој петок Вања оди од прв час на школо, а помалата сестра Миња од втор час. Во петокот не успеале во планот, зашто имало гужва. Во неделата знаеле дека во понеделникот на 27 ноември Вања ќе оди сама на прв час, што било исклучок. Ја чекале во сутеренот во влезот и кога Вања излегла од лифтот ја грабнале. Таа била ставена во вреќа во гепекот од ‘цитроенот’ и се упатиле кон Качанички Пат. Палчо ги чекал и се упатиле кон месноста Дупки, кај Бразда каде во 9.30 ја убиле Вања. Ја закопале во претходно ископана дупка, го запалиле ‘цитроенот’ и заминале со ‘рено кангу’“, се вели во обвинението.
Нема присутни роднини на оштетените.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.