(Видео) Трилинг најава: Неприфатливо е за мито екс народен правобранител да добие само условна осуда
До каде достигнуваат пипците на корупцијата и организираниот криминал?
Која е вистината за пропаѓањето на Еуростандард банка?
Зачестена комуникација Мицкоски – Орбан. Може ли да се очекува оваа власт да го врати бегалецот Груевски?
Од каде да започне реформата на судството?
Покрај непотизмот, како да се справиме со страничните политички и бизнис влијанија?
Дали во Македонија има картелско поврзување во телекомуникациите, производството и трговијата со струја? – се прашањата кои ќе доминираат во вечерашното издание на Трилинг кое започнува во 20.45 на ТВ24.
„Тој што се занимава со криминал, тие се браќа по криминал. Или ќе имаме сериозна борба против криминалот, и таа борба треба да добие поддршка, или ќе влечеме потези со кои ќе правиме перцепција – привидна борба против криминалот“, вели меѓу другото во вечерашното издание на Трилинг екс првиот човек на МВР – пратеникот Оливер Спасовски.
За криминалот во Еуростандард банка, за кој премиерот Мицкоски вели дека е „епски криминал“, Спасовски вели „Не ни помага тоа дали е епски или не е, ни помага само да видиме која е борбата против криминалот и кој го сторил тој криминал за да сноси одговорност“
Адвокатот д-р Валентин Пепељугоски вели „Многу е лесно да ги гоните опозиционерите кога ќе бидете на власт, нашиот народ не случајно кажал – прво исчисти си го својот двор, па потоа оди кај комшијата“. Адвокатот за процесот против врховниот судија Ѓорѓиев и екс министерот Мемети со став „Обвинителството требаше да се спогоди со судија, со поранешен министер, поранешен народен правобранител и да му даде условна осуда за мито – тоа е неприфатливо“.
Искра Гешовска – теоретичарка на книжевност и уметност ќе каже „Просто е невозможно сите да се виновни, само ние да сме жртви. Позицијата на жртва е погубна“. Таа вели „Многу тажна ме прави менталната корумпираност, емоционалната корумпираност“.