Фон дер Лајен пристигна во Киев: Почнува грејната сезона, знаеме што прави Русија

Претседателката на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен денеска објави дека пристигнала во украинскиот главен град Киев за да разговара за европската поддршка, зимската подготвеност, одбраната и напредокот во заемите од Г7.

– Мојата осма посета на Киев доаѓа бидејќи грејната сезона започнува, а Русија продолжува да ја таргетира енергетската инфраструктура – изјави Фон дер Лајен на социјалната мрежа Х.

Фон дер Лајен вчера рече дека сума од 160 милиони евра од приходите од замрзнатите руски средства ќе бидат доделени за задоволување на итните хуманитарни потреби на Украина за оваа зима.

Русија деактивираше околу девет гигавати од енергетската инфраструктура на Украина, за која Фон дер Лајен рече дека е „еквивалент на моќта на три балтички држави“.

Таа, исто така, рече дека ЕУ има за цел да го врати капацитетот за производство на електрична енергија од 2,5 GW и ќе го зголеми извозот за снабдување на Украина со два GW електрична енергија.

Фон дер Лејен ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски и други официјални претставници.