Динамо Загреб го смени тренерот Сергеј Јакировиќ
Динамо Загреб официјално објави дека е договорен раскин на договорот со сега веќе поранешниот тренер на Модрите, Сергеј Јакировиќ.
Тимот во кој се Стефан Ристовски и Аријан Адеми привремено ќе го води Сандро Перковиќ, додека не се најде долгорочно решение.
„Од срце му благодариме на Сергеј Јакировиќ за сè што даде за нашиот клуб и му посакуваме среќа и успех во продолжението на кариерата. Со ова апелираме до медиумите и јавноста да имаат разбирање кон Сергеј Јакировиќ и неговото семејство и да не ја влошуваат и онака веќе стресната ситуација“, објавија од Динамо.
„Имавме пријатна соработка, ми остави впечаток на квалитетна личност и му посакувам среќа во идната кариера. Најбитно во вакви ситуации е да останеш човек, а интересот на Динамо да се стави на прво место. Сега ни останува да донесеме квалитетна одлука за нов тренер во овој незгоден момент за Динамо и да се вратиме на победничките патеки“, рече претседателот Велимир Зајец.