„Денес се одбележува најголемиот светилник на постоењето на македонската држава, финалниот чин по повеќестолетната борба за слобода и независност или што би се рекло денот над деновите – 8 Септември, празникот на нашата независност.
На овој ден за првпат се слушнаа зборовите `Да ви ја честитам суверена и слободна Република Македонија` на плоштадот Македонија каде се прославуваше независноста. Воедно да не заборавиме дека 8 септември е стремежот на илјадници претходно борци за слободна и своја држава.
Тогаш се градеа темелите на Републиката и создаваа институции, но и денес имаме битки кои мора да ги победиме, заеднички, поинакви, иако поинакви сепак подеднакво важни.
Мора да се победи разочарувањето кое ни го оставија и криминалот и корупцијата кои денес се најважните проблеми против кои се бориме. Секој атом од силите да го вложиме во градба на иднина каква заслужува секој еден човек. Овој пат државата е на потег и нејзе ја враќаме на народот.
Да создадеме земја на среќни граѓани и силна економија. Општество кое ќе одговара на реалните потреби и ќе нуди реални решенија. Да си ги зачуваме луѓето овде во нашата татковина.
Оваа генерација има обврска да ги исправи грешките и да создаде иднина за сите наредни. Ова е нашата заедничка битка и заедно се бориме и заедно ќе успееме!
Нека е честит и вековит денот на независноста.
Бог да ја благослови Македонија!“ напиша на Фејсбук македонскиот премиер – Христијан Мицкоски.