Перински: Повикот за финансирање на општините не може да се дефинира како предизборен поткуп

Повикот за финансирање на општините, според министерот за локална самоуправа Златко Перински не може да се дефинира како предизборен поткуп затоа што сите градоначалници имаат можност да аплицираат и да добијат средства.

Toj денеска заедно со премиерот Христијан Мицкоски го презентираа најавуваниот проект со кој Владата ќе им додели 250 милиони евра на општините во државата за спроведување на инфраструктурни и капитални проекти.

Како што кажаа, од вкупно предвидените пари за капитални проекти, со сега распишаниот повик на располагање на општините до крајот на годинава се ставаат шест милијарди денари, односно речиси 100 милиони евра.

Перински вечерва во дневникот на тв Сител рече дека и Градот Скопје може да аплицира за проекти.

На прашање што ако од Градот добијат проект за набавка на 250 нови автобуси, тој рече дека тоа не е инфраструктурен капитален проект што градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска не може сама да го исфинансира.

„Бидејќи на средбата во Владата, рече дека Градот е во финансиска консолидирана состојба“ – рече Перински.

Во врска со најавеното целосно менување на Законот за локална самоуправа, ресорниот министер посочи дека во моментов скопјани е сведоци на едно „недолично однесување од страна на еден од градоначалниците“.

„Сметаме дека Законот не треба да го овозможи тој комфор да не може да биде променет градоначалник. Нашата интенција е да донесеме модерно издржано решение согласно модерните времиња во кое функционираат општините“, изјави министерот за локална самоуправа.