Холандија ги забрани мобилните телефони во училиштата

Во Холандија во понеделникот стапи во сила националната забрана за мобилни телефони во училиштата.

На почетокот од оваа година мобилните телефони беа забранети во училниците во средните училишта, а сега, со почетокот на новата учебна година, оваа мерка важи и за основните училишта.

Од Министерството за образование велат дека мобилните телефони им го одвлекуваат вниманието на учениците и ја намалуваат нивната способност за концентрирање, што има штетно влијание врз перформансите во учењето.

Телефоните сè уште можат да се користат на час доколку се неопходни за содржината на часот, на пример, кога се учи за медиумските вештини. Учениците смеат да користат мобилни телефони ако е потребно поради здравствени причини, а училиштата се одговорни за спроведување на забраната на самото место.

– Со забраната на телефоните, за време на одморите учениците повеќе разговараат меѓу себе и се дружат – вели истражувачот Лоес Паувелс од Универзитетот „Радбауд“.

Забраната на мобилни телефони во училиштата предизвика дебати во Холандија, но повеќето родители се согласуваат дека децата од основно училиште немаат потреба од паметен телефон токму поради ризикот од зависност од социјалните мрежи.

Грција и Италија ги забранија мобилните телефони во училниците, додека Германија веќе подолго време дебатира за таков потег.

Едно неодамнешно истражување на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) препорачува ограничена и одговорна употреба на мобилни телефони во училиштата.