„Се чувствувам виновен, многу се каам. Свесно го давам признанието. Никој не ме уценувал. Јасно ми е дека ќе следи санкција“.
Ова е изјавата на младиот Јордан Ѓоргиев кој е сторител на сообраќајката кај „Сити мол“ во која загина младата Викторија Николова, на 22. јануари годинава.
Адвокатот кој го застапува Ѓоргиев, предложи да не се изведуваат докази за сообраќајката, туку само оние кои се важни за одредување на висината на казната.
Адвокатката Билјана Андонова, која е застапник на Леонид Даов, момчето на починатата Викторија, кажа дека ќе бара имотно правно побарување.
Обвинението за Јордан Ѓоргиев го поднесе скопското Обвинителство по сообраќајката на раскрсницата кај „Сити мол“.
Според обвинението, тој возел со брзина од 67,3 километри на час, што е за 17,3 километри на час поголема од максимално дозволената, не застанал иако видел дека има пешаци и ја прегазил Викторија, заедно со нејзиното момче Леонид кој здоби полесни повреди.
Обвинителот во завршни зборови посочи дека неспорно е докажана вина и посочи дека се надева дека со казната ќе се превенира за други вакви сообраќајќи, случени со прекршување на сообраќајните правила.
Адвокатот на семејството Николови, кажа дека тие не добиле извинување од адвокатот, семејството и од обвинетиот.