Општина Центар и градоначалникот Горан Герасимовски денеска беа домаќини на Кристофер Гети, градоначалник на Лајонс, општина во Чикаго, Соединетите Американски Држави.
Герасимовски го запозна Гети со начинот на кој функционира општината и кои се ингеренциите што локалната самоуправа на Центар ги има во рамки на Градот Скопје.
Зборувајќи за буџетот, Герасимовски истакна дека најголем дел од средствата што ги има општината се вложуваат во проекти во образованието и во инфраструктурни проекти. Проектите во овие области се планираат и спроведуваат согласно потребите на граѓаните и во чекор со современите трендови за развој на централното градско јадро, истакна Герасимовски на средбата.
Покрај тоа, двајцата соговорници разговараа и за можноста за градење на партнерство помеѓу Центар и Лајонс, кое може да донесе придобивки за граѓаните од двете општини.
„Заедничките иницијативи можат да поттикнат партнерство помеѓу нашите општини и да отворат можности за културната размена, економската соработка и спроведување на заеднички проекти”, истакна Герасимовски на средбата со Гети.
Герасимовски го информираше Гети и за неговата неодамнешна посета на САД на која тој оствари бројни средби со претставници на општини од повеќе градови и на кои беа разменети искуства за добро управување и напредок на локалната самоуправа. Стекнатото искуство претставува основа за примена на добрите практики од САД и во работењето на администрацијата на општина Центар, рече Герасимовски.