
Мицкоски најави лидерска средба со коалициските партнери
Во врска со изјавата на лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, дека неговата партија ќе ја напушти Владата доколку биде усвоен законот за правосудниот систем, премиерот Христијан Мицкоски оцени денес дека владината коалиција е стабилна, но дека се планира лидерска средба за идниот месец.
Во врска со изјавата на лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, дека неговата партија ќе ја напушти Владата доколку биде усвоен законот за правосудниот систем, премиерот Христијан Мицкоски оцени денес дека владината коалиција е стабилна, но дека се планира лидерска средба за идниот месец.
– За ставот на Димитриевски ќе го прашате него. Владата се избира со мнозинство во Парламентот, а тоа мнозинство изнесува 61 пратеник. Во моментов имаме многу повеќе од 61 пратеник, така што Владата е стабилна, можеби и најстабилна во овој дел од Европа, па и пошироко. Продолжуваме да испорачуваме за граѓаните она што е важно за нив – рече премиерот.
Тој потврди дека разговарал со Димитриевски и за можноста за лидерска средба, посочувајќи дека коалициска лидерска средба е планирана за декември.
Одговарајќи на прашање дали по изборите во Брвеница ВЛЕН ќе добие помалку функционерски места, Мицкоски рече дека нема намера да отстапува од договореното при формирањето на владината коалиција во јуни 2024 година.
– Ова не е прашање на математика, туку на суштината на договорот постигнат при формирањето на коалицијата во јуни 2024 година. Немам намера да бидам жртва на дневната политика, затоа што зборот е збор. Договорот важи до 2028 година, кога се редовните парламентарни избори. Разговаравме со раководството на ВРЕДИ и одлучивме, откако ги дефиниравме другите позиции за важни државни прашања во периодот што следува, на работно ниво, преку кадровските партиски комисии, да ги искристализираме предлозите – изјави Мицкоски.
За кадровските промени, Мицкоски рече дека разговарал со лидерите на ВЛЕН и дека биле дефинирани неколку позиции што ги оцени како важни за државата. Предлозите, според него, треба да се дооформат во кадровските комисии на партиите.
-Имавме разговор со лидерите на ВЛЕН и одлучивме, откако дефиниравме неколку позиции што се важни за државата, во периодот што следува, во кадровските комисии на партиите, да се кристализираат овие предлози, рече Мицкоски.
Тој потсети дека претходно го посочил октомври како рок за реконструкцијата, но дека поради многуте настани што се случиле, нејзиното завршување го очекува во ноември.