Бислимоски: Повеќе од половина струја домаќинствата ја трошат додека е евтината тарифа

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, во денешното гостување на „Клик Плус“ на ТВ21 рече дека откако е вратена евтината тарифа од 1 декември 2023 во попладневните часови помеѓу 13.00 и 15.00, повеќе од половина од потрошувачката на домаќинствата е во рамки на овој интервал.

– 52,7 проценти од потрошувачката е во евтината тарифа, а остатокот е во скапата тарифа. Значи, голем дел на количини на електрична енергија се прелеале во евтината тарифа, откри Бислимовски.

Тој најави дека до крајот на месецот ќе биде соопштено какви се плановите со воведувањето на третиот час на попладневна евтина тарифа на електрична енергија за домаќинствата.

– Вообичаено оваа примена треба да започне во периодот на греење. Тогаш кога започнува грејната сезона. Тоа е некаде околу 1 ноември, а може и 1 јануари, ќе видиме точно кога, рече Бислимовски.

Тој додаде дека во моментов се уште се прават анализи, но ситуацијата на слободниот пазар покажува дека треба да се стимулираат АД ЕСМ и АД ЕВН Македонија да купуваат електрична енергија во текот на денот кога струјата од фотоцентралите е најевтина.