Конференција „Мерки за енергетска ефикасност како одговор на енергетската криза и зголемена конкурентност“
Центарот за климатски промени (ЦКП) денеска, во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје, ја одржа конференцијата насловена „Мерки за енергетска ефикасност како одговор на енергетската криза и зголемена конкурентност“.
Целта на настанот беше да ги поврзе креаторите на политики, националните и локалните власти, финансиските институции, деловни здруженија, компаниите, како и други клучни чинители да дискутираат за креирање и спроведување на поефективни политики за енергетска ефикасност за компаниите. Од дискусиите произлезе заклучокот дека е неизбежно да се работи на зголемување на употребата на обновливи извори на енергија и поголема енергетска ефикасност.
На настанот свое обраќање имаше Кристофер Доџ, директор за економски раст при УСАИД – Северна Македонија, кој напомена дека со фокусирање на енергетската ефикасност, бизнисите можат позитивно да влијаат на тројните крајни резултати – луѓето, планетата и профитот.
„Покрај намалувањето на трошоци за одржување на вашиот бизнис, енергетската ефикасност може да привлече општествено одговорни потрошувачи и клиенти. Инвестициите може да ја направат вашата компанија попожелно место за работа. Одлуката за инвестирање, исто така, ќе ги ублажи влијанијата на кризата, придонесувајќи за почиста животна средина“, порача Доџ.
Претседателката на ЦКП Бојана Станојевска Пецуровска потсети дека Македонија е една од земјите потписнички на Парискиот договор, со кој се обврза да работи на постојано намалување на емисиите на стакленички гасови со цел да се придружи на глобалните напори за ограничување на глобалното затоплување.
„Со цел да го постигнеме тоа неизбежно е да работиме на зголемување на употребата на обновливи извори на енергија и поголема енергетска ефикасност. Уште поголемо намалување на емисиите на стакленички гасови можеме да обезбедиме ако ја подобриме енергетската ефикасност во малите и средни претпријатија кои се основата на македонската економија“, изјави Станојевска Пецуровска.
Во рамките на настанот беа одржани три панел дискусии на кои беа претставени политиките и програмите за енергетска ефикасност кои моментално постојат и се достапни за користење од ММСП а исто така беше дискутирано и како може да се зголемат инвестициите во мерките за енергетска ефикасност кај ММСП, а притоа да придонесат и за намалување на трошоците за производство и зголемување на конкурентноста на пазарот.
Настанот беше затворен со третата панел-дискусија на која претставници од различни финансиски институции презентираа финансиски инструменти кои им се достапни на микро, малите и средни претпријатија за зајакнување на енергетската ефикасност.
Конференцијата се реализира во рамки на иницијативата „Зголемување на отпорноста преку намалување на трошоците за енергија за намалување на ефектите од енергетската криза и за подобрување на деловните услуги“ која ја спроведува Центарот за климатски промени, а е дел од проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“, финансиран од УСАИД, а спроведуван од Консалтинг за Стратешки развој (КСР).
Извршната директорка на КСР, Кристина Хаџи-Василева, истакна дека во рамките на овој проект, Консалтингот работи на зајакнување на капацитетите и поддршка на организациите кои работат со микро, малите и средните компании.
„Со тоа, придонесуваме за зголемување на отпорноста на кризи и подобро управување, поефикасно искористување на енергијата и зелена трансформација на ММСП“, образложи Хаџи-Василева.