„Целосно сум свесен за предизвиците кои престојат и реформите кои мора да се преземат. Корупцијата и борбата против криминалот ќе биде нашиот примат и секој инвеститор мора да биде стопроцентно уверен дека државата ја гарантира заштитата од неморални и коруптивни притисоци и настојувања. Никој не смее да биде над законот, исто како што никој не смее да помисли да ја одземе иднината и работите кои ја создаваат иднината. Новата влада ќе биде партнер на стопанствениците“ порача денеска од Тетово – Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар на Владата.
„Јас сум за што повеќе инвестиции кои го зголемуваат животниот стандард, а ова е борбата за подобар живот на сите граѓани. Македонија се сака со дела и тоа е најдобриот одговор за сите кои во политиката прават етнички поделби, креваат ѕидови и создаваат омраза. Да имаме натпревар на идеи, наместо натпревар во шовинизам и радикализам. Со работа, со решенија и креирање конкретни работи се сакаат и се бори за благосостојбата на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите останати“ порача Мицкоски.
Рече дека „Една од првите мерки во првите 100 дена од новата влада ќе биде намалувањето на даноците на профит. На тој начин ќе се помогне на бизнисот и ќе се обезбедат повеќе пари во економијата. Ќе има кратење на административните процедури и отстранување на бариерите кои го попречуваат бизнисот“.