За СДСМ да се врати како силна политичка партија мора јасно да дефинира став по клучните прашања и да покаже дека вистински се грижи за интересите на своите членови и граѓаните, порача Јован Деспотовски, кандидат за претседател на СДСМ, на првото заедничко претставување на програмите на сите кандидати во Кавадарци.
„Ни треба став за многу прашања, а приоритетно да се изгради за клучните. Многумина наши членови деновиве ме прашуваат – Ако бидете претседател на СДСМ, каков ќе ни биде ставот по прашањето на уставните измени? Тука сакам да бидам јасен. СДСМ излезе на изборите, кои беа и референдум за некои прашања со една понуда, за која се залагавме три години. Нашиот политички противник даде друга понуда по ова прашање и доби три пати повеќе поддршка од граѓаните. Оттаму, ако сакаме да покажеме, а не само да кажеме дека навистина ја сфативме пораката од граѓаните ќе излеземе и ќе им кажеме на ВМРО ДПМНЕ – Повелете, добивте мандат од луѓето, сработете, дајте го решението да го разгледаме и да дадеме поддршка да се спроведе. Тоа им го должиме на луѓето. Е, тоа е став. Така ќе покажеме дисконтинуитет со досегашните политики“ рече Деспотовски.
Деспотовски повика и на што поголема активна регистрација на членовите за да им се слушне гласот и сами да го направат изборот, за да нема наметнати решенија.
„Тука не станува збор само за исходот од гласањето, туку и самиот процес. Ако во рамки на самиот процес поттикнеме и овозможиме што е можно поголем број на членови да го препознаат својот интерес и да се вклучат преку активната регистрација и да учествуваат во изборите и во вакви јавни дебати во тој случај мислам дека сме на добар пат. Доколку се овозможи да имаме фер постапка во која нема да има наметнати решенија и во која секој глас ќе биде препознаен, СДСМ ќе победи на 30 јуни. Многу е важен и резултатот од самиот изборен процес на кој луѓето ќе треба да кажат дали се за континуитет или радикален дисконтинуитет со досегашните пракси и политики,“ истакна Деспотовски.
Ова е првата од серија заеднички претставувања на сите кандидати за претседател на СДСМ.