Државнички е владата да им каже на граѓаните дека не е одговорна за Преспанскиот договор, но мора да го почитува – вели Османи

Преспанскиот договор е многу повеќе од само договор за името, тоа е договор за стратешко партнерство. Столбот на грчките обврски од Преспанскиот договор е поддршка за НАТО-интеграцијата и за европската интеграција. Република Северна Македонија денеска е членка на НАТО затоа што Грција ја исполни својата обврска од Преспанскиот договор, изјави министерот за надворешни работи во заминување, Бујар Османи, кој денеска како претседавач беше домаќин на Состанокот на министрите за надворешни работи на земјите учеснички во Процесот за соработка на Југоисточна Европа.

Во однос на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која треба да биде формирана наскоро, тој кажа дека таа нема никаква одговорност за Преспанскиот договор. Тие, рече Османи, не го изгласале, не го поддржале Договорот, но имаат обврска да го почитуваат. Тоа, како што порача шефот на дипломатијата, е државнички однос.
Одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата со идниот претседавач со Процесот за соработка на Југоисточна Европа, Османи информира за состанокот што на билатерално ниво го имал со грчката заменик-министерка за надворешни работи, Александра Пападопулу, која ја предводи делегацијата на својата земја на настанот, а потврди и дека утрово имал телефонски разговор и со својот грчки колега, Јоргос Герапетритис, кој се очекува попладнево да пристигне во земјава за Самитот во рамките на ПСЈИЕ и да престојува околу два часа.

„Имав добар состанок со заменик-министерката. Утринава исто така имав телефонски разговор и со министерот за надворешни работи, којшто, еве, не може да стигне денеска претпладне, заради посета на колега во Атина, ќе дојде попладне за Самитот. Разговаравме за посветеноста на двете држави не само за имплементација на договорите, туку и за поддршката што официјална Атина ја дава на евроатлантската интеграција, односно европската интеграција на Република Северна Македонија. Така што беше еден добар разговор, конструктивен разговор, во којшто разменивме ставови дека е многу важна регионалната соработка, добрососедските односи, продолжување на секторската соработка и ставот дека сепак Преспанскиот договор е многу повеќе од само договор за името, тоа е, се рабира стожерот, меѓутоа е договор за стратешко партнерство“,

рече Османи.

Другите обврски што двете држави ги имаат по однос на Преспанскиот договор, рече Османи, исто така, биле дел од темите на разговорот, кој, како што додаде, генерално бил во духот на соработката и надежта за продлабочување на ова стратешко партнерство кое може да да доведе до подобра регионална соработка.

„Значи ги покренав јас тие прашања за нивните обврски, тие ги покренаа за нашите обврски и се согласивме дека во добра волја треба да продолжиме да ги почитуваме договорите бидејќи сепак тие се дел од нашето внатрешно уредување и дел од меѓународните обврски што ги имаме преземено двете држави. И таму владата не била среќна со Преспанскиот договор, ниту е среќна со Преспанскиот договор, меѓутоа разбираат дека тоа е меѓународен договор, дел од реалноста и ќе го почитуваат. И јас изразив надеж дека владата којашто доаѓа, исто така, ќе ги почитува обврските од меѓународните договори на реципрочна основа“,

рече Османи.

Прашан во врска со Протоколите или Меморандумите кои произлегуваат од Договорот од Преспа, а кои сè уште не се ратификувани од грчкото собрание, шефот на дипломатијата рече дека и ние имаме неисполнети обврски во тој дел, како што се законот за МАНУ и законот за Македонската радио-телевизија (МРТ), кои не се поминати во македонското Собрание.

Во тој контекст, Османи, одговарајќи на новинарско прашање, не се согласи со констатацијата дека Грција нема исполнето ништо од Преспанскиот договор.

„Мислам дека не е коректна констатацијата дека Грција нема исполнето ништо. Столбот на грчките обврски од Преспанскиот договор е поддршка за НАТО-интеграцијата и за европската интеграција. Република Северна Македонија денеска е членка на НАТО затоа што Грција ја исполни својата обврска од Преспанскиот договор. Грција денес е еден од поголемите лобисти за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија. Тоа беше суштината на грчката обврска. Протоколите се прашања коишто се останати во парламентот, како што е останат нашиот закон за МАНУ, нашиот закон за МРТ и други некои прашања во имплементација на името. И ние разговараме за тие аспекти – тие да ги поминат своите закони, ние да ги поминеме нашите закони. Но суштината двете страни ја имаат исполнето – Грција евроатлантската интеграција, Северна Македонија прашањето на уставните измени и имплементација на името“,

кажа Османи.

Прашан дали добил некаков рок од заменик-министерката Пападопулу и министерот Герапетритис за донесување на Меморандумите во грчкиот парламент, шефот на македонската дипломатија рече дека и тој не можел да даде рок во однос на законите што се заглавени во нашето Собрание, но додаде дека двете страни изразиле волја дека двете влади ќе работат за да поттикнат консензус за усвојување на овие закони.

„Меѓутоа тие останати прашања не смеат да ни бидат на прва линија во односите со Грција. Ние сме членка на НАТО заради грчката поддршка. Ние имаме сериозна поддршка за членството во ЕУ. Тоа ако се загрози, е тогаш тоа ќе биде сериозно кршење на обврската на Република Грција на Преспанскиот договор и тогаш би имало сериозна реакција. Имаме преостанати обврски двете страни коишто се на периферија на суштинските прашања коишто ги има Преспанскиот договор и сметам дека не треба тие да го доминираат политичкиот дискурс… Не сакам да ја омаловажам обврската на Грција за меморандумите, ниту, пак, сакам нашата обврска којашто е заглавена во Собрание, но ајде да ги ставиме во тие административни обиди да се надминат овие преостанати прашања, но верувајте дека имаме многу повеќе потенцијал во односите со Грција и нема потреба да создадеме таква клима, бидејќи веќе е постизборие. Разбирам, пред избори имаше потреба да се ловат политички поени на тоа, но завршија изборите, нема да има избори уште година и пол. Дајте сега да имаме еден позрел однос кон соседите, кон земјите членки на Европската Унија. Јас немам некоја обврска, јас сум уште неколку дена министер за надворешни работи, меѓутоа сметам дека е должност да ја пренесам оваа порака, колку е важно да се покажеме како зрел и сериозен играч. Тоа е мојата логика како ја гледам надворешната политика. Ако имаме кавгаџиска надворешна политика, бујрум, ќе ги видиме резултатите. Јас не го советувам тоа“,

рече Османи.

Прашан дали добил некакви најави за можно идно вето од Грција, министерот за надворешни работи кажа дека немало такво нешто и дека двете страни „изразија надеж дека ќе се почитуваат обврските“.

На дополнително прашање што би се случило доколку идниот премиер продолжи да не го користи уставното име во говорната комуникација, Османи рече дека според најавите не очекува да има прекршување на Договорот.

„Не би сакал да прејудицирам. Еве ќе чекаме една недела, ќе видиме. Според најавите не очекувам дека ќе има прекршување. Се разбира не е објаснување делот дека говорно ќе се спомне друго име, пишано друго име. Нема такво објаснување во меѓународното право. Меѓутоа очекувам дека е тоа само транзиција за да се подготви јавноста. Ние охрабруваме да се почитува Преспанскиот договор. Немаат никаква одговорност по однос на Преспанскиот договор, не го изгласале. Меѓутоа имаат обврска да го почитуваат и тоа е државнички однос“,

рече Османи.

Прашан за коментар на образложението на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова и на мандатарот за состав на новата влада Христијан Мицкоски дека станува збор за нивно лично право на самоопределување како да го користат името на државата во јавните настапи, Османи изјави дека уставното име веќе не е прашање на обврските од Преспанскиот договор, туку на Уставот на државата.

„Така што не гледам простор тука за интерпретација и нема потреба затоа што само се дава некое очекување кај граѓаните дека ако почнеме усно да го кажуваме полека ќе го смениме и писмено. Тоа нема да се случи. Зошто им давате такви очекувања на граѓаните? Кажете, ние не сме го изгласале, ние сме биле против, овие предавнициве го направија тоа и ние мора да го почитуваме. Тоа е фер однос кон државата. А, ние, јас сум убеден дека тоа е најдоброто нешто што сме го направиле“,

порача министерот за надворешни работи во заминување, Бујар Османи.