Американскиот претседател Џо Бајден го повика Хамас да го прифати договорот за прекин на огнот во Газа по успешното гласање на Советот за безбедност (СБ) на Обединетите нации (ОН) за предлогот, јавуваат светските медиуми.
Како што наведува „Гардијан“, станува збор за прв сеопфатен мировен договор за ставање крај на војната во Газа одобрен од телото на Обединетите нации.
Повикот на Бајден до Хамас уследи веднаш по гласањето на Советот за безбедност.
„Советот за безбедност на ОН штотуку ја усвои нашата резолуција со која се повикува Хамас да го прифати договорот за воспоставување прекин на огнот со ослободување на заложниците.
Хамас вели дека сака прекин на огнот. Овој договор е можност да докажат дека тоа го мислат“ – напиша Бајден на социјалната платформа Икс.
Советот за безбедност на ОН синоќа го поддржа планот на американскиот претседател за прекин на огнот во Газа, а за предлог-резолуцијата гласаа 14 земји членки, додека Русија, која е една од петте постојани членки на Советот со право на вето, беше воздржана.
Амбасадорката на САД во ОН, Линда Томас-Гринфилд, изјави дека најмоќното тело на ОН гласало за мир.