Сиљановска Давкова: Мора да тргнеме со суштински и сериозни реформи, излез немаме

Мораме да тргнеме со суштински и сериозни реформи, излез немаме бидејќи сега не е само критериум хармонизацијата, туку и имплементацијата. Мислам дека треба и ЕУ соодветно да одговори, затоа што ако сте кандидат од 2005 година, а денеска е 2024, се плашам дека некогаш тоа чекање личи на она на господинот Годо, а не сакам да верувам во такво нешто. Јас знам дека ние бевме перцепирани и сеуште сме како Ахилова пета, но мислам дека и за тоа има решенија и потребен е соодветен одговор.

Ова денеска го истакна претседателката Гордана Сиљановска Давкова на панелот „Европската Унија како предизвик и предизвиците на ЕУ: Европа 74 години од Шумановата декларација“, што во организација на Европското движење во Северна Македонија и претставништвото на Фондацијата Конрад Аденауер во Скопје, се одржа по повод 9 Мај – Денот на Европа.

Таа изрази очекување од новите власти во Собранието да сфатат дека Лисабонскиот договор е договор за парламентите, дека Парламентот мора да се отвори во евроинтеграцискиот процес и дека евроинтеграцијата не може да биде само работа на Владата.

– Сугерирав и сè уште сугерирам меѓу преговарачите да има и експерти, а не само политичари, за да создадеме институционална меморија. Каде е континуитетот ако двајцата преговарачи беа политичари?, истакна претседателката.

Сиљановска Давкова посочи дека мора да се активира Националниот совет за евроинтеграции, како обединувачко хетерогено тело, а на Комисијата за европски прашања да бидат поканети и претставници на Европската комисија.

Изрази очекување дека ЕУ нема да заборави на логиката и филозофијата на проширувањето.

Потсети дека историски, географски и културно отсекогаш сме биле дел од Европа и дека не зборуваме за евроинтеграција, туку за реунификација, посочувајќи дека втемелувачите на Европската Унија биле вистински државници, водени од мировната идеја и кои верувале во мировните решенија.

– За нас веќе реков дека се перцепираме како Европејци, а логично е ако се перцепирате како Европејци да бидете и третирани како Европејци. Третманот го гледам пред се низ призма, не на ЕУ реториката, туку на ЕУ логиката, во смисла на владеење на правото, компетитивна економија, независно судство, стручна и компетентна администрација, демократска политичка култура, нешто што обединува, рече Сиљановска Давкова.

Порача дека регионално треба да соработуваме и да се поддржуваме едни со други по примерот на скандинавските земји, додавајќи дека ветото не е европски и мировен инструмент, иако е некогаш силно оружје на малите држави. Таа нагласи дека на патот кон ЕУ, со помош на оние што се внатре, треба да зачекориме заедно и да се поддржуваме едни со други.

Претседателката истакна дека скрининг процесот покажа дека во поглед на хармонизацијата сме во врвот на Западниот Балкан, но имплементацијата останува наш важен предизвик.