Вработените на Клиниката за токсикологија ги демантираат наводите во дописот од Министерството за здравство дека проф. др Нико Беќаровски ги навредувал колегите Албанци вработени на Клиниката.
„Најостро реагираме и ги демантираме информациите изјавени во неколку медиуми од министерството за здравство и сме должни на јавноста да ѝ појасниме дека какви било навреди или притисоци на Албанци кои претходно беа ангажирани со договор на дело, од страна на проф. др. Нико Беќаровски не се упатени“, стои во реакцијата од вработените.
Во меѓувреме, со своја реакција, како и најава за тужба излезе и докторот Беќаровски.
И јас, впрочем како и Вие, секогаш сум бил исклучиво поборник за максимален професионализам, базиран на квалитет и мерит систем, без никакви други предрасуди. Најколегијално, Ве замолувам во следните 24 часа јавно да се оградите од оваа несреќна објава на сајтот и да ми се извините за нанесената повреда на мојата чест и углед, стои во неговата изјава.