Раководството и Извршниот одбор на СДСМ наредната недела ќе одржат состаноци за отпочнување на постапката за свикување на отчетен конгрес по изборните резултати на партијата на двојните избори, велат од партијата.
Како што информираат од партијата, на конгресот ќе се разгледаат причините за изборниот резултат, спроведените анализи и извештаи за работењето на СДСМ, а се очекува да бидат дефинирани и роковите и начинот за спроведување на внатрепартиските избори.
„Процесот на обнова ќе биде на сите нивоа, ќе се избира претседател, заменик-претседател, раководство, сите органи и тела на партијата на централно и локално ниво, согласно Статутот на СДСМ“ – велат од партијата.
Одржувањето на внатрепартиските избори во СДСМ го најави актуелниот лидер Димитар Ковачевски уште ноќта на 8 мај, по двојниот изборен пораз на претседателските и парламентарните избори.
Ковачевски тогаш порача дека никој не е без одговорност за изборниот пораз и затоа СДСМ ќе мора да погледне навнатре и да размисли за причините за слабите резултати.