Грција е многу силна за да се исплаши од ваков настан. Законски беше невозможно да се забрани, истакна портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите во однос на вчерашниот собир во Атина на албанскиот премиер Еди Рама за Албанците кои живеат во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
-Не постоеше никаков начин грчката страна да забрани приватна посета на еден странски лидер. Оние кои го тврдеа ова не ни го кажаа начинот. Тоа беше приватна посета во рамките на турнеите на господинот Рама вон Албанија. Негов беше изборот. Ниту се стремевме кон тоа, ниту го организиравме, ниту беше билатерална средба. Но, не можевме ниту да го забраниме, објасни Маринакис.
Рама вчера беше во приватна посета на грчката метропола во рамките на неговата турнеја во неколку европски земји со цел да се сретне и да им се обрати на неговите сонародници и во затворена спортска сала во атинска населба одржа митинг на кој присуствуваа над 6.000 Албанци кои живеат во Грција.