„24 часа“: Нема да има бугарска Влада пред Европскиот совет на 16. декември

„Многу малку е веројатно дека изборот на новата бугарска Влада ќе биде пред Европски совет на 16. и 17. декември. Според објавувањето на дневниот ред на последната средба на европските лидери оваа година, се очекува да биде прашањето за почеток на преговори за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ, кое во моментов е блокирано од Бугарија“.

Ова го пишува бугарското издание на „24 часа“. Информациите оттамму се дека пред овој датум нема да има нова бугарска влада, дури и ако е постигнат договор за имињата на идните министри меѓу коалициските партнери „Продолжуваме со промената“, Бугарската социјалистичка партија и „Демократска Бугарија“.

Во Бугарија уставната процедура предвидува претседателот на земјата да има консултации со сите парламентарни партии – во моментов 7 во новоизбраното 47. Народно собрание.

Најран можен датум на кој претседателот Румен Радев може да го предаде првиот мандат е 8. декември. Процедурата вели дека потоа следува седумдневен период во кој победникот на парламентарните избори во Бугарија – „Продолжуваме со промената“ мора да предложи свој кандидат за премиер.

„Изборот на новата бугарска влада може да биде продолжен за тактички цели – доколку на состанокот во Брисел, Бугарија не ја претставува новиот премиер, туку претседателот Румен Радев, нема да има очекувања за јасна бугарска позиција“ се вели во изданието на „24 часа“.