2.677 барања за надомест на штета од неодамнешниот земјотрес во Битолско

Општина Битола објави повик за надомест на штета предизвикана од земјотресот кој беше неодамна со епицентар во северниот дел на Грција. Досега има 2.677 барања.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски потврди дека се формирани комисии кои ќе ги разгледуваат барањата и ќе постапуваат по оние кои ги исполнуваат условите за надомест на штета.

„Во врска со постапката за проценка на штетите, минатата недела на состанокот со претставници од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, се договоривме во текот на оваа недела, стручните лица од ИЗИИС да им одржат обука на членовите на комисиите кои ќе вршат проценка, во врска со што истите треба да се обучени согласно Законот за заштита и спасување. За штетите настанати од земјотресот остваривме и работен состанок со претставници на Владата, а во понатамошното постапување очекуваме поддршка од нивна страна, како што и најавија владините претставници“ рече Коњановски.