Драги Ѓоргиев: Не ја сфаќаме заедничката историја на начин како и бугарската страна

Нема промена во реториката и пристапот на бугарската страна и сѐ додека е така, не може да очекуваме напредок во работата на заедничката комисија“. Ова е ставот на Драги Ѓоргиев, копретседавач од македонска страна на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања. Ова доаѓа како коментар на последните изјави на бугарскиот копретседавач Ангел Димитров дека во Комисијата нема напредок „поради неподготвеноста на колегите да прифатат дека имаме заедничка историја која почнала во средниот век“.

„Колку ќе се овозможи приближување на ставовите зависи и од двете страни, но со ваквите изјави другата страна однапред одредува во која насока ќе одат состаноците. Нема промена во реториката и во пристапот на бугарската страна и сѐ додека е тоа така, не очекуваме дека ќе има придвижување. Кога едната страна ја обвинува другата страна дека не сака да ја прифати апсолутната вистина на првата страна, не може да се очекува напредок во процесот. Бугарската страна инсистира на заедничка историја, воспоставена во средниот век. Ние не бегаме од заедничката историја, но, тоа не треба да се сфаќа на начин како тоа го сфаќа бугарската страна – дека историјата од средниот век до 1945 година е заедничка. Ако е така, тогаш тоа воопшто не е заедничка историја, туку е историја на еден ист народ. Таквиот пристап не е научен, не е историски, тоа е само едно политичко толкување. Со постојанава реторика всушност се минираат исходите на средбите“ – вели Ѓоргиев за „Слободен печат“.

Тој потврдува дека дека до крајот на мај е договорено да се одржат три средби.

„На заедничките разговори неодамна во Софија со колегата Ангел Димитров се договоривме дека годишно можеме да имаме најмногу шест средби, затоа што и меѓу средбите имаме многу работа. Претходно бевме договорени да имаме по пет средби годишно, сега додадовме плус една“ рече Ѓоргиев.