Џонсон: Ова е директна закана за цела Европа!

Борис Џонсон – британскиот премиер изјави дека руското гранатирање на нуклеарна централа во југоисточниот украински град Запорожје може „директно да ја загрози безбедноста на цела Европа“.

Еден од реакторите во најголемата АЕЦ во Европа каде има шест реактори, се запалил откако беше гранатиран од руски сили. Иако реакторот е во фаза на реновирање, според портпаролот на електраната, тој сè уште содржи нуклеарно гориво.

Во телефонскиот разговор со украинскиот претседател Зеленски, Џонсон ветил дека ќе побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН во обид за прекин на огнот.

Даунинг стрит ситуацијата во Запорожје ја нарече „исклучително загрижувачка“.

Портпаролката на кабинетот на премиерот рече:

„Двајцата лидери се согласија дека Русија мора веднаш да го прекине нападот врз електраната и да дозволи неограничен пристап на службите за итни случаи до централата“.