Гранатирана најголемата нуклеарна централа во Европа, во Запорожје

Градоначалникот на украинскиот град Енергодар – Дмитро Орлов ноќеска на својот Фејсбук профил информираше дека нуклеарната централа Запорожје во Украина е во пламен.

„Закана за светската безбедност!!! Како резултат на немилосрдното гранатирање од страна на непријателот на зградите и блоковите на најголемата нуклеарна централа во Европа, нуклеарната централа Запорожје гори!!!“ – објави Орлов на Фејсбук.

Со сличен апел доцна во ноќта на Твитер се огласи и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, кој бара прекин на огнот за да можат пожарникари да интервенираат.

„Руската армија од сите страни пука врз нуклеарната централа Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Европа. Веќе избувна пожар. Ако експлодира, ќе биде 10 пати поголема експлозија од Чернобил! Русите мора ВЕДНАШ да го прекинат огнот, да дозволат пожарникари да воспостават безбедносна зона!“ – напиша тој на Твитер.

Руските војници се обидоа да влезат во градот со тенкови и да ја заземат централата, но жителите и работниците се собирале околу централата и нејзините околни патишта уште во средата, јави „Би-Би-Си“.

Украина има четири активни нуклеарни централи, вклучително и Запорожје.

Во земјата се управува и со нуклеарен отпад на локации како Чернобил, кој сега е под руска контрола.

Портпаролот на нуклеарната електрана – Андриј Туз, за ​​украинската телевизија изјави дека гранати паднале директно врз електраната во Запорожје и запалиле еден од шесте реактори на централата. Тој реактор се реновира и не е во функција, но внатре има нуклеарно гориво, рече тој, пренесува „Хина“.

Владин претставник изјави за „Асошиетед прес“ дека во близина на локацијата на централата евидентирано е зголемено ниво на радијација.

Туз рече дека итно е потребно да се прекинат борбите за да биде угасен пожарот.

Рано утринава шефот на регионалната државна управа на Запорожје вели дека безбедноста на нуклеарната електрана Запорожје е „осигурана“, јави „Би-Би-Си“.

„Во 06:20 часот е изгаснат пожарот во зградата за обука на АЕЦ Запорожје во Енергодар. Нема жртви“ – соопштија украинските служби за итни случаи.