Џамбаски до Георгиевски: Двајцата сакаме да нема граница од Охрид до Црно Море!

Ангел Џамбаски – бугарски европратеник вели дека поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски „е впрегнат да трча напред-назад за да го објасни новиот наратив“. Џамбаски заедно со претставници на неговата ВМРО-БНД пред два дена прекина трибина во Софија на која требаше Георгиевски да се обрати. Тој потенцираше дека во Бугарија нема да дозволи одржување на „македонистички настани“.

„Процесот требаше да започне со заедничката декларација потпишана во 1999 година меѓу Бугарија и Македонија. Над 20 години сме сведоци на фалсификати, манипулации, дискриминации, физичко самоосакатување на Бугари и што уште не, спротивно на сите документи и ветувања. Сега пак се обидуваат да ни ја понудат старата песна „пуштете не, па ќе видиме“. Да, но не. Властите во Скопје мора да преземат брзи и одлучни чекори за да ја потврдат својата посветеност на добрососедските односи. Наместо тоа, сведоци сме на постојани провокации, сѐ повеќе фалсификати и закани за надворешен притисок“ напиша Џамбаски на социјалната мрежа Фејсбук.

Тој испрати и совет за Љубчо Георгиевски:

„Не станувајте емисар на оние што Ве маргинализираа. Мислам дека и двајцата сакаме да нема граница од Охрид до Црно Море, но тоа не треба да се случува на сметка на правата на Бугарите во Македонија и историската вистина“.