СПЦ и МПЦ-ОА со заедничка литургија во Белград

Српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан денеска во храмот „Свети Сава“ во Белград ќе служат архиерејска литургија за воспоставување на „литургиско и канонско општење на двете сетрински цркви“, односно литургија на помирувањето. Вчера Синодот на МПЦ-ОА ја прифати поканата на СПЦ за одржување литургија на помирување.

Литургијата ќе почне денеска во 9 часот, а ќе ја одржат српскиот патријархот Порфириј со владиците од СПЦ и архиепископот охридски и македонски Стефан и тројца митрополити во ранг на најстарите, во придружба на неколку нивни соработници.

Во врска со денешното одржување на заедничката литургија, митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј по седницата на Соборот на МПЦ-ОА вчера изјави дека со ова се воспоставува единство не само со СПЦ, туку и со останатите православни цркви, што, според него, е еден чекор до очекуваното конечно постигнувањето на посакуваната цел – автокефалност на МПЦ.

Тој потенцираше дека до крајот на месецов очекуваат сите православни цркви да го прифатат канонското единство со МПЦ-ОА и да биде потпишан томосот од цариградскиот и српскиот патријарх.

Српскиот патријарх Порфириј вчера по средбата на епископите на СПЦ со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, зборувајќи за одлуката на Соборот на СПЦ за односите со МПЦ-ОА, изјави дека „со браќата од Македонија имавме раскол, тие се вратија во единство и тоа го гледаме како чудо“.

На одржување на денешната литургија на двете цркви и претходеше завчерашната одлука на Соборот на СПЦ во која се наведува дека се „поздравува прифаќањето на општо признатиот канонски статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност на МПЦ, доделен во 1959 година“. Со ова, според српски извори е „решен спорот што датира од 1967 година кога Македонска православна црква се одвои од СПЦ“.