Јолевски: Имаме 82 обвинители помалку од потребните 244, тоа се одразува на ажурноста, да не се одрази на квалитетот

„Абази поднесе барање дека се повлекува од функцијата член на УО на Академија на судии и јавни обвинители, знам дека причина е да се исклучат шпекулациите околу тоа дека неговата сопруга е еден од слушателите на оваа генерација која сега треба да заврши“ – вели Антонио Јолевски, претседател на Советот на обвинители во најновото издание на Трилинг.

За фотографиите со функционери од ДУИ, Јолевски вели „пред да го критикуваме, да му дадеме шанси да работи. Ние предвреме тргнавме со оцените, спомнав како шанса, да не биде напаѓан уште незапочнат. Тој има искуство“.

„Ние викаме дека сите обвинители треба да имаат свој интегритет, зависи од нив самите колку ќе се изборат“ вели Јолевски.

За критиките од јавноста во правосудството, за неажурност, за нетранспарентност, за ехото од јавноста Јолевски вели „го слушаме и тој дел, нормално е дека јавноста сака да е запознаена со повеќе детали, ажурноста сметам дека треба да се подобри, но капацитетите се такви, па сега имаме 82 обвинители помалку од потребните 244. Тоа се одразува на ажурноста, битно е да не се одрази на квалитетот. Политиката треба да помогне да ги пополнеме тие места“.

На прашање дали се издржани забелешките на амбасадорката на САД, Агелер за тоа дека е изненадена од начинот и постапката за избор на новиот шеф на ЈО за ГОКК тој вели „за постапката не сметам дека има било какви забелешки. Можеби е изненадена од резултатите, но немаше ниедно прекршување. Советот тука не може да учествува со ништо“.

За непотизмот во судови, обвинителство, тој вели „да не одиме воопштено. Не може да генерализираме по оваа или онаа линија. Има еден куп кандидати кои ги поминале сите приемни испити, друго е прашањето дали некој им помогнал“.

„Секој кој работи како обвинител, законски има право да покрене постапка, ако има основи на сомневање. Никој не е исклучен“ вели Јолевски на прашање дали евентуално Абази би покренал обвинение против првиот човек на ДУИ, Али Ахмети.

За недовербата во правосудниот систем Јолевски смета дека „треба да ги засукаме ракавите и да работиме“.