Славески: Индексот на мизерија на земјава е поради незнаењето за водење на економски политики и неможност да се зауздаат апетитите на коалициски партнери

„Не би сакал да верувам дека власта свесно ја подгрева инфлацијата, инфлацијата и годи на власта, го намалува износот на јавниот долг, и ги зголемува јавните приходи, ги дуе. На повисоки цени, се наплаќа повисок данок. Но, на ниедна власт не и одговара висока стапка на инфлација, тоа создава гнев, има пад на животниот стандард“ вели професор Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во најновото издание на Трилинг.

Професорот вели дека „индексот на мизерија кој е збир на стапка на невработеност и стапка на инфлација, ја става Македонија на врвот во Европа, само Црна Гора има повисок индекс на мизерија. Може да станува збор за незнаење за водење на економски политики, популизам, да им се угоди на општествени групи, неможност да се зауздаат апетити на коалициските партнери“.

Славески вели „секогаш МФ е поголем оптимист за стапката на раст, проекциите на НБ се пореални. Треба проектирањето да се препушти на независна институција“.

За моменталната стапка на задолжување, тој смета дека „треба вистински да има фискална консолидација, буџетот да ги намали дефицитите“.

За политиката на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, рече дека нема да има опструкција, се укажа дека буџетот е гломазен, инфлациски и без преседан.

„Од крај на 2021 година реализацијата и проекцијата за 2023-та, приходите за 2023-та се зголемуваат за 1 милијарда евра, а расходите се зголемуваат за 1,1 милијарди евра. Ако се спореди тоа со БДП, тоа е застрашувачка бројка. Се задолжуваме и доаѓаме во опасност кредиторите да ни речат стоп. Може да дојдеме во ситуација некои обврски да не можеме да ги сервисираме“ вели Славески.

Тој смета дека валутниот борд не е потребен во земјава.

За Советот на Град Скопје, и за „циркусот“ кој се случуваше таму, Славески вели дека „тој е завршен, а беше предизвикан од градоначалничката Арсовска“.

Трајко Славески направи паралела и кажа какви се ставовите на екс премиерот Груевски во врска со актуелната градоначалничка на главниот град.

„Јас и во 2005 година бев носител на листа за Совет на Град Скопје, тогаш го подржавме Трифун Костовски и моето размислување беше дека Костовски носеше гласови“ вели Славески кој потенцираше и дека екс-премиерот Никола Груевски „и сега има позитивни ставови за градоначалничката Арсовска“.