Тозија: Уметникот кај нас не е позициониран никако, во држава која е во распад, уметноста е ставена на последно место

Разговорот со Тозија го правеше Марија Димишкова

„Доста тешко е да се насмее македонската публика, да се изнуди насмевка. Нашата публика е прилично образована и веројатно нивните очекување се на високо рамниште“ вели режисерот Вардан Тозија во најновото издание на Трилинг.

Тој вели „секогаш сме на опашката кога станува збор за снимањето серии. Нема телевизиска играна продукција кај нас. Не можеме да се споредуваме со Србија, таму има традиција, има историја врз која се полага многу знаење, многу средства. Кај нас се уште нема спонзори кои би сакале да го образуваат или забавуваат нашиот народ. И Босна има 20-кратно повисока продукција за разлика од нас“.

„Голем број од фестивалските селектори го очекуваат тој патос, вечно ние да сме во состојба на мазохизам, кога си ги раскажуваме нашите страдања, нашиот чемер. Ние треба да се отклониме од традицијата. Не сум убеден дека како нација имаме само мрак. Кај нас секогаш може да се направи социјална драма, но да се даде друг слој, да биде водена од убедлива, модерна приказна“ вели Тозија.

На прашање какво е нашето позиционирањето со балканскиот филм, тој вели дека „ние сме рамо до рамо со Босна. Време е да го оставиме минатото и да тргнеме по нов наратив, да влеземе во продукција која би сакале самите да ја гледаме“.

„Уметникот денес кај нас не е позициониран никако, во држава која е во распад и која континуирано пропаѓа, уметноста е ставена на последно место. Нашата уметност се базира на локален пи-ар, во нашата вчауреност тоа звучи дека е многу повеќе од добро и квалитетно. Кривицата е и до новинарската фела, комплетно до критичката маса. Нема јасно изграден став што е квалитетно, што не е“ вели режисерот Тозија.