Јовев најави тужба за Меџити ако не ја промени својата одлука

По неколкудневни реакции околу смената на директорот на Кардиохирургија, Сашко Јовев денеска министерот за здравство Фатмир Меџити на брифинг со новинарите му понуди на кардиохирургот да стане негов советник, но и дека на овој начин ќе може повеќе да им се посвети на пациентите, пренесува Фокус.

Со тоа стави до знаење дека сега за сега нема никаква намера да ја промени одлуката околу разрешувањето на професорот Јовев. „Фокус“ го контактираше кардиохиругот, кој го прашаваме дали слушнал за понудата на актуелниот министер да биде негов советник.

„За ова слушнав од медиумите. Моето место е само како директор на Кардиохиругија“, беше дециден доктор Јовев.

Сепак, на нашето прашање дали има намера да го тужи министерот ако не ја промени донесената одлука, рaзрешениот кардиохирург истакна:

„Ако не ја промени, ќе го тужам“, додаде Јовев.

На оваа тема новинарски прашања доби и актуелниот премиер Димитар Ковачевски, кој децидно одговори дека нема намера да се меша.

„Јас бев поканет на еден настан на Клиниката за кардиохирургија и бев поканет бидејќи директно учествував во обезбедувањето на финансиските средства, како заменик министер за финансии, за правење на таа хибридна сала. Многу ми е драго што бев поканет, јас протоколот не го правам туку присуствувам на настани според протоколот.

Таму се запознав со голем број врвни професионалци и лекари и со докторот кој управува со таа хибридна сала. Станува збор за млад лекар. Сметам дека таа клиника и кардиохирургијата има одлична иднина, а ова го заклучив од ентузијазмот на тие млади лекари“, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека министерот за здравство е тој што назначува и разрешува директори на здравствените установи.