„Сите чинители во општеството и граѓаните заборавија зошто почна штрајкот на наставниците. Штрајкот на наставниците почна затоа што тие бараа нивелирање на нивните плати според минималната плата во државата, а тоа не се случи и затоа сметам дека се изманипулирани. Договорот меѓу СОНК и Владата не е соодветен на нивните барања“.
Ова вечерва на тв Сител го изјави Весна Јаневска, претседателка на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа истакна дека договореното покачување на платите од 15% ќе биде на минималната нивна плата која во основното образование е 14.754, а во средното 15.288, а не на плата усогласена со минималната, што беше едно од нивното клучно барање.
„Ова што е сега договор меѓу СОНК и владата не се однесува на минималната плата на државата. Минималната плата во основно образование изнесува 14.754 денари, во средно образование изнесува 15.288 денари. Што значи минималната плата во образованието и процентот кои сега тие го добија, 15% ќе се однесува на овие минимални плати, не на минималната плата во државата. Процентот ќе почнеме да го сметаме, еве на пример во основното образование, на помалата сума на 14.700 и кусур денари, после тоа, со тој процент ќе се пресмета коефициентот според работното место, задачите кои ги извршуваат наставниците, стажот и работното искуство и така ќе ја добијат на крај бруто платата и тоа воопшто не е во согласност со нивните барања. Нивните барања беа нивниот коефициент да се пресмета врз основа на минималната плата во државата, односно 18.000 денари” – истакна Јаневска.
Таа додаде дека начинот на кој што се дојде до овој договор е уште попонижувачки на просветните работници, затоа што Законот за помирување и мирно решавање на споровите требаше да се примени пред генералниот штрајк, а не после тоа.