Јотова за барањето на Петков: Имаше нешто недокажано, како нешто да се случило!

Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера преку видео обраќање до претседателот Румен Радев го повика да го свика Консултативниот совет за национална безбедност за на него да се расправа за последниот развој на настаните и сѐ поочигледниот притисок од ЕУ, влијателните земји-членки и САД, Софија да го крене ветото кон С. Македонија.

Сепак, овој потег на Петков наиде на студен прием од претседателската канцеларија, па ставот на Радев денеска го пренесе потпретседетелката Илијана Јотова.

„Во вчерашното видео обраќање на премиерот Кирил Петков имаше нешто недокажано. Имав чувство дека нешто се случило. На крајот од работниот ден, одеднаш толку неочекувано. Ако ги искористиме начините на изразување и стилот на владеење – се случи нешто имплицитно“ – рече Јотова.

Според неа, премиерот ја оправдал својата одлука со меѓународен притисок, но не дозволил да се слушнат други аргументи – „дали има промена на условите, дали има нови резултати од Македонија“.

Јотова додаде дека „ќе видиме“ каква ќе биде одлуката на претседателот Румен Радев во врска со повикот на Петков за свикување на Советот. Тој прво ќе анализирал, па ќе донел одлука.

„Доколку премиерот има аргументи во оваа насока, добро е да се слушнат. Неговите вчерашни аргументи се со надворешна адреса. Доколку владата дала некакви гаранции и договори, треба да ги знаеме“ – рече таа.